Во рамките на дебатната емисија „Топ Тема“ на Телма телевизија,својот став го изнесе пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ,Игор Здравковски,кој дискутираше за животниот стандард на граѓаните и влијанието на потрошувачката кошничка. Тој го нагласи значењето на преземањето соодветни мерки со цел заштита на економските интереси на населението.
Во своето излагање, Здравковски ги коментираше предлозите на опозицијата во однос на ДДВ-то на струјата, оценувајќи ги како нелогични. Тој посочи дека токму претходната власт, во текот на седумгодишното управување, придонела за пораст на цената на струјата, а сега, според него, нивните барања за нејзино намалување се лицемерни и неосновани.
„Бевме тие што како опозиција баравме намалување на ДДВ-то на струјата, а во исто време, во периодот кога СДС беше на власт, цената на електричната енергија порасна за 100%. Откако ВМРО-ДПМНЕ ја презеде власта, во август и јануари вкупното зголемување беше само 1,48%, што значи дека тврдењата за 30% зголемување се неосновани. Треба да се има предвид дека цената ја утврдува регулаторното тело, а не која било партија. Во моментов сметам дека е прерано за вакви дискусии. Секоја одлука што директно ги засега граѓаните треба да се носи низ дијалог со сите релевантни засегнати страни, бидејќи тие се оние кои најмногу се погодени од овие промени“, истакна Здравковски.
Говорејќи за плановите на Владата, тој изрази јасен став дека замрзнување на цените нема да биде прифатено како опција. Министерството за економија, како што посочи, работи на креирање политика што ќе ги вклучи сите засегнати страни и ќе доведе до наоѓање оптимално решение.
„Не можеме да се согласиме со замрзнување на цените, бидејќи подоцна тоа предизвикува дополнителни економски дисбаланси и создава притисок од синдикатите. Исто така, предлогот на опозицијата за зголемување на минималната плата носи ризик, бидејќи ќе стане огромен трошок за стопанствениците и производителите на храна, што ќе резултира со ново поскапување. Министерството за економија,во рамките на Владата,води постојани разговори со сите засегнати страни,со цел да се донесе одлука која ќе биде прифатлива за сите“,потенцираше Здравковски.