Сите книги, украдени при ноќната провала во Архивот на Град Скопје, се пронајдени и вратени, а нема документи од јавен или државен интерес меѓу нив. Ова го потврди директорот на Државниот архив на Македонија, Димитар Богески, кој нагласи дека станува збор за стари дупликати на изданија кои не се дел од основните архивски фондови.
Кражбата се случила во објектот на Архивот на улица „Московска“, кој е одделение на Државниот архив. Според достапните информации, сторителите, тројца млади лица на возраст од 17 до 19 години, пробиле стакло на еден од влезовите и изнесувале книги од складиштето. Поради ограниченост во дворот, книгите биле пренесувани преку решетката до автомобилот.
Настанот бил пријавен од чуварот, а полицијата веднаш интервенирала. Министерството за внатрешни работи извести дека во раните утрински часови на 6 јануари на крстосницата меѓу булевар „Партизански одреди“ и улица „Московска“ биле уапсени Е.Д. (18), Х.Е. (19) и малолетник од 17 години, сите од Скопје. При прегледот на возилото „Опел Тигра“ биле најдени украдените книги. По целосното документирање на случајот, ќе следува соодветна пријава.
„Во депото не е влегувано, што е најважно. Станува збор за дупликати од стари изданија. Утре ќе ја имаме точната евиденција за сè што било земено,“ изјави директорот, нагласувајќи дека централните архивски фондови не биле загрозени.




