Во округот Ширнак, на Југоистокот на Турција, денеска беше измерена температура од 50,5 степени Целзиусови, известува турското издание „Туркије тудеј“ потпирајќи се на податоците од Турската државна метеоролошка служба.
Ова е историски европски рекорд за највисока температура некогаш забележана на континентот. Рекордната температура се регистрираше во областа Силопи, со што го надмина претходниот континентален рекорд од 48,8 степени Целзиусови, кој беше поставен на Сицилија во Италија, во август 2021 година.
Светската метеоролошка организација официјално го потврди италијанскиот рекорд во јануари 2024 година, по внимателна верификација која вклучуваше независна анализа и калибрација на сензорот и уредот за снимање.
Претходниот европски континентален рекорд, од 48 степени Целзиусови, беше заеднички држан од грчките градови Атина и Елефсина, поставен на 10-ти јули 1977 година. Овој рекорд е основан на официјални извори и е дел од Архивата на Светската метеоролошка организација од нејзиното основање во 2007 година.
Според метеоролошките податоци, температурите во петокот надминаа 40 степени Целзиусови на сенка во 31 округ во Турција. Турската државна метеоролошка служба истакна дека температурите низ целата земја се за 6 до 12 степени повисоки од просекот за оваа сезона.




