На свеченото отворање на изложбата „Mind(e)scapes“ организирана од Асоцијацијата за култура ИКОН, присуствуваше директорката на македонскиот Културен Институт во Загреб, Мими Ѓоргоска Илиевска. Таа ја нагласи значајната улога на уметноста како алатка за комуникација, самооткривање и општествена рефлексија, истакнувајќи колку е важно да ја претставиме современата македонска уметност пред глобалната публика.
Според наводите од македонскиот КИЦ во Загреб, Ѓоргоска Илиевска објасни дека изложбата „Mind(e)scapes“, преку цртежи, графики и визуелна поезија, создава врска помеѓу четири различни, но едновремено комплементарни авторски пристапи. Овие пристапи дополнително развиваат дијалог меѓу индивидуалните поетики на авторите и поширокиот културен контекст.

Кураторката на изложбата, Марија Коробар, при презентацијата на концептот и уметничките поетики на авторите, истакна дека „изложбата е замислена како простор на внатрешни пејзажи, лични слики, сеќавања, фрагменти, хумор, тишина и имагинација“.
„Насловот Mind(e)scapes опфаќа игри на зборови со терминот mindscapes и escapes, овозможувајќи размислување за уметноста како ментален простор, но и како бегство од секојдневното. Изложбата се фокусира на менталниот пејзаж како уметнички мотив и истражувачка алатка – визуелизација на процесот на размислување, чувствување и спознавање“, додаде кураторката Коробар.
Оваа изложба е дел од годишната програма на македонскиот КИЦ во Загреб, поддржана од Министерството за култура и туризам, и ќе трае до 2 јуни.




