Во Белчишта започнува 41. Интернационална уметничка колонија „Дебрца“
Учествуваат 10 ликовни уметници од Македонија и светот, меѓу кои и почесниот гостин, академскиот уметник Јордан Манасиески, кој редовно присуствува на колонијата од самите нејзини почетоци.
Меѓу учесниците се: Сузана Ардо од Лондон, Наталија Студенкова од Словачка, Дуња Корломановиќ од Србија, Лидија Вујишиќ од Скопје, Славица Танеска од Охрид, Михаил Клечкароски од Струга, Филип Јовески од Прилеп, Вангел Крстиноски од Ресен, Михаил Велјаноски од Охрид и Мелани Тасеска од Охрид.
Во изминативе четири децении, збирката на галеријата на Интернационалната уметничка колонија „Дебрца“, именувана по основоположникот Ѓорѓија Целески, веќе надмина 700 ликовни дела од истакнати уметници од Македонија, вклучувајќи и академик Димче Коцо, како и многу познати ликовни дејци од други земји.
Темата на овогодишното издание на колонијата, која се одржува во Белчишта, седиштето на руралната општина Дебрца, носи наслов „Од камен до код – ехо на земјата, глас на иднината“.



