ВМРО-ДПМНЕ: „Реципроцитет и исполнување на обврските од Бугарија, а не нови отстапки, услови и национални понижувања како што предлага СДС и Филипче“

ВМРО-ДПМНЕ изрази загриженост дека СДСМ и претседателот на партијата, Венко Филипче, повторно поттикнуваат политика на еднострани отстапки кон Бугарија. Според партијата, таквиот пристап веќе му донел штета на македонскиот национален интерес. Во нивното соопштение истакнуваат дека Македонија не смее да продолжи со политиката на потчинување и попуштање, туку дека билатералните прашања треба да се решаваат со принципи на реципроцитет, меѓусебно почитување и исполнување на обврските од двете страни.

Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека Филипче ги следи стапките на поранешните премиери Зоран Заев и Димитар Ковачевски, чијашто политика, според нив, ја довела државата во тешка ситуација во процесот на евроинтеграција. „Наместо да бара реципроцитет и почитување на македонските позиции, тој нуди нови отстапки и се враќа на политиките кои граѓаните јасно ги одбиле“, стои во реакцијата.

Партијата нагласува дека граѓаните ја поддржуваат европската иднина на државата, но не по цена на нови условувања и негирање на македонскиот национален идентитет. Од ВМРО-ДПМНЕ порачуваат дека европската интеграција не треба да биде процес во кој само Македонија ги исполнува своите обврски, а другата страна да останува без одговорност.

Прочитајте и:  Кој ќе го освојува титулата најдобар играч на Светското првенство 2026?

Во соопштението потсетуваат на посветеноста на Владата кон членството во Европската Унија, но исто така нагласуваат дека нема да прифатат дополнителни барања кои не се дел од европските критериуми. „Времето на еднострани отстапки заврши; сега е време за реципроцитет“, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека очекуваат Бугарија да ги исполнува своите обврски, вклучително и почитувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права.

Партијата уверува дека и понатаму ќе се бори за државните и националните интереси и че нема да дозволи процесот на евроинтеграција да стане средство за нови притисоци и условувања кон Македонија.