Портпаролката на Владата, Марија Митева, на денешната 134. редовна седница го соопшти најновото решение: Владата го одобри предлогот за разрешување на Љупчо Коцевски од позицијата јавен обвинител. Оваа постапка продолжува поради законските ограничувања кои ја запираа во текот на изборниот период. Митева објасни дека причините за иницијативата се добро познати и многу пати образложени од Владата – со целосно почитување на транспарентноста и институционалниот интегритет. „Нашата определба останува иста: јакнење на правната држава и обезбедување на непречено функционирање на органите кои служат на граѓаните“, истакна таа.
Според член 88, став 1 од Законот за јавно обвинителство, и по претходно добиено мислење од Советот на јавни обвинители, Владата предлага на Собранието да го разреши Коцевски поради „значителни професионални грешки“ во управувањето со обвинителството, што, како што се наведува, довело до нарушување на ефикасноста и функционалноста на институцијата. Во образложението се истакнуваат следните прекршувања:
– Неовластено објавување информации и податоци за судски предмети, што ја нарушува обврската за тајност на постапката;
– Нaruшување на угледот на Јавното обвинителство и на личниот углед, преку непостапување во согласност со обврските утврдени со Уставот, законите и меѓународните договори;
– Нaruшување на функционалноста и интегритетот на институцијата, што, согласно со член 27, став 1 од Законот, претставува одговорност на јавниот обвинител како раководител на органот;
– Повреда на должноста за зачувување на угледот на функцијата, согласно со член 82, став 1 од Законот.
„Имајќи ги предвид сите утврдени прекршувања, Владата предлага на Собранието да го разреши јавниот обвинител Љупчо Коцевски“, нагласи Митева.




