1 Владата утре ќе одржи седница на која ќе биде донесена одлука за организација и финансирање на превозот и сместувањето на семејствата на повредените во кочанската трагедија, кои сега се лекуваат во странство, соопшти владиниот портпарол, Марија Митева. Во вакви моменти, семејствата не треба да се преокупираат со логистичките или финансиските тежини, кога им се најпотребни на своите најблиски. Затоа, Владата ќе ги преземе сите трошоци за транспорт и сместување, овозможувајќи им на семејствата да бидат блиску до своите сакани, изјави Митева на прес-конференција во Владата. Таа ги повика сите засегнати семејства од пожарот во Кочани да ја искористат оваа можност и да се обратат на телефонскиот број 070 270 370 за да добијат сите неопходни информации, по што Владата ќе може ефикасно да ја обезбеди потребната поддршка и да олесни овој процес. Владата ќе соработува со Црвениот крст на Скопје за управување со официјалната сметка за донации. Оваа одлука е донесена за да обезбеди постоење на единствена, официјална сметка за донации, и да се избегнат недоразбирања за местото и начинот на донирање.