Вино и лозарство – изложба во Демир Капија

Цветанка Тодоровска Митрева, виш кустос археолог и куратор на изложбата, направи осврт на животот и делото на Дојчинов, роден во 1948 година.

„Неговите професори, Димитар Кондовски и Борко Лазески, му овозможија да се образува во светот на уметноста и станаа инспирација за развој на неговиот сопствен стил. Тој стил носи личен белег, препознатлив преку мотивите поврзани со булките, Големата мајка, гроздоберот и гроздоберачите, нашата македонска традиција на варење ракија и подготовка на вино, како и со убавините на тиквешкиот крај и неговото сонце“, истакна таа.

Таа дополнува дека акварелот и маслото на платно се две техники со кои уметникот лесно се служи, како со своите лева и десна рака.

„Делата на Дојчинов, преплавени со длабоки и силни бои и тонови, пренесуваат јасна и прецизна духовна порака. Нивниот јазик е емотивен и разбирлив, создавајќи културно наследство што ќе остане високо на ценетото место во галеријата на уметноста и ќе инспирира идни ликовни творци. Уметникот создаде многу дела кои преминаа граници и станаа дел од најдалечните делови на светот, украсувајќи ѕидови и витрини со својата уметност, не само македонска, туку и универзална“, додаде Тодоровска Митрева.

Таа нагласи дека до сега, Дојчинов има реализирано повеќе од 35 самостојни изложби, како и учество на бројни групни изложби и ликовни колонии. Член е на здружението „Родокрајци“, кое обединува љубители на уметноста и културата.

Градоначалничката на Демир Капија, Наталија Димитриева, изрази задоволство од настанот, кој ги слави убавините на винската култура и свети Трифун.

„Како локална самоуправа, секогаш ги поддржуваме проектите кои ја негуваат уметноста и културните традиции. Голема благодарност до Дојчинов за создавањето на прекрасна изложба, а на секоја слика може да се види посебна приказна, која ја разоткрива посветеноста на лозарите“, изјави градоначалничката.

Уметникот истакна дека изложбата е дополнета со музика и поезија, што му дава настанот посебна убавина и длабочина.

Изложбата има продажен карактер, а покровител и организатор е локалната самоуправа, во соработка со општинската установа Дом на култура „Мирка Гинова“ од Демир Капија.