Од АМСМ информираат дека времето на чекање за премин од државата изнесува околу 30 минути. На граничниот премин, за МИА потврдија дека од утрото има колони од возила, но полека метежот опаѓа.
„Првично имавме неколкукилометарска колона, која сега се намалува. На македонскиот дел на преминот се чека од 20 до 30 минути, додека на грчкиот дел застојот е двојно поголем. Најголем број возила имаме во раните утрински часови, а слично се очекува и после 18 часот кога луѓето обично се враќаат. Според нашето искуство, вакви гужви се чести за време на викендите, особено во неделите, како и на специфични датуми – 20 јули, 30 јули, 10 август, а особено на 1 август. Тие датуми се критични поради смени во аранжманите“, велат од ГП „Дојран“.
Според информации од Министерството за внатрешни работи, забележана е зголемена фреквенција и на ГП „Богородица“, каде од вчера до денес на пладне излегле 6.100 македонски граѓани, а влегле 2.022. Во истиот период, броят на странци кои ја напуштиле Македонија изнесува 15.871 лица, а влегле 7.878 патници.
На ГП Табановце, според информациите од МВР, од вчера до денес на пладне влегле 17.448 странски граѓани, а 14.872 лица ја напуштиле државата. Од македонските граѓани, 9.958 влегле во државата, додека 3.174 излегле.
„Од страна на МВР, сите човечки и технички капацитети се ставени во функција за да се забрза протокот на патници, во согласност со задолжителните гранични проверки“, велат надлежните.
Освен на граничниот премин Дојран и на ГП „Табановце“, каде времето на чекање за влез во државата е околу 20 минути, на останатите гранични премини во Македонија не се забележани подолги задржувања за влез и излез од државата.




