(Видео) Студентите од Нови Сад на протест: „Вашите денови на кражба се одброени“

Студентите од Нови Сад со протестот под наслов „Што значи победа?“ објавија нова фаза на студентскиот отпор, истакнувајќи дека победата не е само симбол, туку и процес на демонтажа на корупцијата и неодговорната власт. Од Плоштадот на слободата јасно порачаа дека борбата не завршува, туку напротив, допрва започнува. „Народот е уморен од измами, кражби и перење пари. Вашите денови на кражба се одброени. Ќе дојде момент кога законите ќе важат за сите – и тој момент не е далечен“, изјави еден од студентите.

Истовремено, тие добија поддршка и од правниците. Адвокатката Тања Арсиќ нагласи дека молкот е завршен и потсети на историскиот момент кога судии, обвинители и адвокати заедно протестираа пред Уставниот суд. „Ќе се бориме за држава во која властта е минлива, а правото е трајно“, рече таа.

Студентите имаат јасна цел – да се борат за систем кој не познава корупција, туку одговорност, нешто што, како што нагласија, актуелната власт и режимот очигледно не го разбираат. За пример го наведоа случајот со професорката Јелена Клеут, која, и покрај исполнети услови, не беше избрана во редовно звање.