Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на партискиот конгрес испрати остри критики кон Владата, обвинувајќи ја дека неуспесите ги покрива со националистичка реторика и ја држи државата во застој на патот кон Европската Унија. Според него, власта „сака да изгледа голема на фотографија, но секојдневно станува мала пред проблемите што граѓаните ги чувствуваат“.
„Посебна опасност претставува кога таа слабост се прикрива со националистички дискурс. Најлесно е неуспехот да се сокрие зад врева. Најлесно е тешката реалност да се игнорира со создавање на впечаток дека секоја критика е предавство, секој разумен предлог е слабост, а секој повик за храбра одлука е понижување. Но, државата не се води со инает. Државата се води со визија. Не се брани со изговори, туку со резултати“, изјави Филипче.
Коментирајќи го Самитот ЕУ – Западен Балкан во Тиват, тој оцени дека европските лидери испратиле јасна порака дека проширувањето останува приоритет, додека Македонија заостанува зад соседите. „Додека ние стоиме во место, Албанија веќе ги отвори сите кластери, а договорот за членство на Црна Гора веќе се пишува во Брисел. Историјата не чека. Околу нас започнаа процеси што можат да ја променат политичката карта на Европа, а ние не смееме повторно да останеме во чекалната“, нагласи лидерот на СДСМ.
Тој ја обвини Владата дека сака „Европа како сцена, но не и Европа како обврска“. „Сака да учествува на маса со Макрон и Мерц, но не сака дома да ја изрече вистината за чекорите што мора да се направат. Наместо тоа, ги плаши граѓаните со наводно губење на идентитетот и јазикот. Тоа не е стратегија. Тоа е политичко купување време на сметка на иднината на државата“, порача Филипче.
На крајот, тој постави прашање за одговорноста во случај Македонија да остане надвор од европските процеси. „Македонија сака да знае кој ќе одговара ако останеме во чекалната“, заклучи Филипче.




