Со традиционалното дефиле под маски, денес во пладне започна официјалниот дел од Вевчанскиот карневал 2026 година.
Маскирани вевчанци, на сатиричен начин, ја продолжија речиси 15-вековната традиција, прикажувајќи ги настаните од изминатата година во јавниот и политичкиот живот, како во нашата земја, така и на глобално ниво.
Според обичаите, секоја маска носи своја порака, став или критика кон општеството, политиката или секојдневниот живот.
Вевчанци и оваа година ги оправдаа очекувањата на бројните посетители, кои уживаа во сатиричниот театар на отворено. Меѓу присутните беа и премиерот Мицкоски, министерот Љутков, како и други високи претставници на власта.
Вевчанскиот карневал е симбол на посветеноста, љубовта и упорноста на вевчанци. Креативноста и вештината во изработката на маските се не само уметнички дела, туку и огледало на времето, со своја порака и уникатен пристап кон настаните од минатата година, истакна министерот Љутков.
Оваа година карневалот го следеа многу домашни и странски туристи, а имаше и гости од европските карневалски федерации.
Традиционалните маски на Зетот и Нестата, симболизираат животот, плодноста и новите почетоци. Тие не се само ликови – туку благослови во движење. Со нив беа и Глупите Августи, ѓаолите и останатите маски: свештеници, политичари, митски суштества и ликови од секојдневието, инспирирани од настаните кои ја одбележаа минатата година, што му дава на карневалот улога на жив хроничар на времето.
По дефилето, маскираните вевчанци се враќаат дома, кршат лепче со паричка за ручек и навечер повторно излегуваат на улиците за втора рунда.
Во повторно маскиран облик, ќе ја дочекаат Новата година според Јулијанскиот календар во центарот на Вевчани, каде продолжува забавата за која вечерва се задолжени Благоја Грујовски, Влатко Миладиновски со оркестарот на Златко Миладиновски, Оркестарот со зурли и тапани „Вевчани“ и Перо Бели со групата „Вип“.
Карневалот завршува утре со палење на маските во сред селото, чин со кој се верува дека се принудува злото да не влезе во Новата година. Оваа традиција веќе трае 15 века.
Фото: Вечер.пресс










