Во системот на Управата за јавни приходи, за последниот квартал од 2024 година, кај 5.157 кориснички профили се забележани неточни или застарени податоци, што ги оневозможува овие корисници да ги добијат своите средства, соопшти УЈП.
„Корисниците на МојДДВ кои досега не добиле исплата за претходните три месеци треба да извршат проверка на податоците внесени во апликацијата со цел да се осигураат дека ја имаат наведенo исправна трансакциска сметка што е регистрирана на нивно име. Само така системот на УЈП ќе може коректно да ја реализира исплатата“, стои во соопштението на институцијата.Дополнително,од УЈП посочуваат дека најчестите причини за одложена исплата се: погрешно внесен број на трансакциска сметка,наведена сметка која припаѓа на друго лице,внесен број на платежна картичка наместо трансакциска сметка или користење на сметка што веќе не е активна.
Од Управата информираат дека процесот на исплата на средствата за скенираните сметки од периодот октомври – декември е во тек и ќе опфати 496.543 корисници. Вкупниот износ што ќе биде исплатен преку МојДДВ надминува 870 милиони денари. Според предвидените законски рокови, исплатата за овој квартал треба да биде завршена најдоцна до 28 февруари 2025 година.
По завршувањето на редовните исплати за четвртиот квартал, УЈП ќе пристапи кон исплата на средствата за корисниците чиј поврат бил одложен поради неажурирани податоци, со што ќе им биде овозможено да ги добијат своите средства.