Трговија со луѓе: шест лица под истрага во Македонија

Трговија со луѓе: шест лица под истрага во Македонија

Под раководство на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, вчера истражители од Истражниот центар во обвинителството и Националната единица за борба против криумчарење мигранти и трговија со луѓе при МВР реализираа акција во која се приведени две лица. Оние лица се осомничени дека извршиле кривично дело трговија со луѓе. Овој случај започнал во ноември минатата година во ОЈО Тетово, кога првоосомничениот добил притвор поради семејно насилство. Понатамошните истражувања покажале дека станува збор за трговија со луѓе, што доведе до преземање на надлежноста одстрана на ова обвинителство. Истражната постапка е спроведена против шестмина осомничени за ова кривично дело.

Првоосомничениот, во текот на деветгодишна брачна заедница со жртвата, ја злоупотребувал својата положба, на особено понижувачки и суров начин.Со употреба на сила и закани, вршел физичко и психичко насилство, принудувајќи ја на сексуална експлоатација за парична корист и наркотична дрога. Од септември 2023 до ноември 2024, го договарал местото и надокнадата, која била или парична или во кокаин. Првоосомничениот имал целосна контрола дури и кога жртвата била со корисниците на услугите, следејќи ја преку видео повик.

Обвинителството предложи мерка притвор за четворица осомничени, додека двајца веќе се наоѓаат во притвор. Судијата при Основниот кривичен суд Скопје го прифати предлогот и определи мерка притвор за сите осомничени, која ќе се применува по нивното пронаоѓање. За првоосомничениот, законот предвидува казна затвор од најмалку четири години, додека за корисниците на сексуалните услуги казната е од шест месеци до пет години.