Американскиот претседател Доналд Трамп повика регулаторите да им ги одземат лиценците на телевизиските мрежи Еј-Би-Си и Ен-Би-Си, обвинувајќи ги за „пристрасно и нечесно“ известување.
Во објавите на својата платформа Трут Соушл, Трамп истакна дека, и покрај неговата висока популарност, овие канали објавуваат „97 отсто негативни вести“ за него и неправедно ги прикажуваат Републиканците.
Трамп оцени дека многумина веруваат дека Федералната комисија за комуникации (FCC) треба да им одземе лиценците. „Јас потполно се согласувам со тоа, бидејќи тие се крајно пристрасни и нечесни, и претставуваат вистинска закана за нашата демократија!!!“, напиша Трамп.
Исто така, предложи овие телевизии, кои ги нарече „лажни вести“, да плаќаат милиони долари секоја година за „привилегијата да ги користат највредните фреквенции во секое време и на секое место!!!“
Претседателот на FCC, Брендан Кар, републиканец назначен од Трамп во 2017 година, сè уште не коментирал во врска со овие барања.
Трамп редовно ги обвинува Еј-Би-Си и Ен-Би-Си, како и Си-Би-Ес и Си-Ен-Ен, дека се гласноговорници на Демократската партија и дека ја оцрнуваат неговата политика. Тој исто така е во постојан конфликт со други медиуми кои не ја рефлектираат неговата перспектива.
Најново, весникот „Волстрит џурнал“ доби забрана за патување со владин авион поради напис за контактите на Трамп со осудениот сексуален престапник Џефри Епстајн. Новинската агенција АП, пак, сè уште нема дозвола да лета со Ер Форс Уан откако одби да го користи новото име што Трамп му го додели на Мексиканскиот Залив – „Американски Залив“.




