Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД и Кина се согласиле дека Ормускиот Теснец мора да остане отворен, а конфликтот на Блискиот Исток треба да заврши. Ова произлезе од разговорите со кинескиот претседател Си Џинпинг. Иако малку информации беа објавени за средбата во Кина, според „Ал Џезира“, двете држави постигнале согласност за клучните прашања во врска со безбедноста на поморскиот сообраќај и избегнувањето на војна во регионот. Сепак, Кина не покажува подготвеност за активна улога во решавањето на кризата, иако половина од нејзиниот увоз на сурова нафта минува токму низ овој теснец.
„Имавме одличен престој. Тоа беше неверојатен период. Претседателот Си е извонреден човек“, изјави Трамп пред новинарите во претседателскиот авион „Ер Форс Уан“ по завршувањето на посетата. Тој додаде дека за време на дводневните разговори не се дискутирало за царините, иако Кина плаќа значителни такси.
Трапм исто така потврди дека било зборувано за Тајван, но нагласи дека не презел никаква обврска во однос на островот. Според неговите зборови, Си Џинпинг нема намера да иницира војна. Во контекст на Иран, Трамп истакна дека е отворен за можноста Техеран да ја суспендира својата нуклеарна програма во следните 20 години, но нагласи дека какви било гаранции мора да бидат солидни. Тој тврдеше дека иранските ракети биле намалени за 80 проценти за време на конфликтот со САД.
Трамп најави дека, по разговорите со кинескиот лидер, ќе размисли за укинување на санкциите против кинеските компании кои набавуваат иранска нафта. Во меѓувреме, иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, истакна дека имал „фундаментални разговори“ со индискиот министер Субрахмањам Џаишанкар. Во објава на социјалната мрежа Икс, Арагчи нагласи дека Иран секогаш ќе ја исполнува својата историска должност како чувар на безбедноста во Ормускиот Теснец и истакна дека „сите пријателски земји можат да сметаат на сигурна трговија“.
Трамп по средбата со Си додаде дека САД и Кина постигнале „многу одлични трговски договори“, меѓу кои и кинеска набавка на повеќе од 200 авиони „Боинг“ и стотици мотори од „Џенерал електрик“.




