Учениците од ДСУ РЦСОО „Коле Неделковски“ во Велес денеска ја организираа проекцијата на својот краток филм “Неизговорено” во просториите на „Киноверзум“. Овој филм на уникатен и емотивен начин се однесува на потребата за безбедно и поддржувачко училишно опкружување. Креативната работа на овие млади автори ја претпочита тишината која носи силна порака, известуваат од училиштето. Според нив, филмот пренесува значајна порака дека секое дете и млад човек заслужува да расте и учи во опкружување без малтретирање и дискриминација. Повикот е јасен: треба да развиеме емпатија, разбирање и заедништво за да градиме позитивни вредности. Младите преку својата креативност посочуваат дека, иако некои работи остануваат неизговорени, нивната борба за еднаквост и прифаќање не треба да биде една од нив. Филмот демонстрира дека и покрај ограничувањата, нашите постапки можат да станат инспирација за другите, охрабрувајќи ги да се соочат со предизвиците. Дело е дел од проектот „Промоција на безбедна училишна средина“, кој се реализира од Првата Детска Амбасада во светот – Меѓаши, со поддршка од Детската фондација „Песталоци“. Проектот се спроведува во соработка со повеќе партнери како Коалицијата на младински организации – СЕГА, Лабораторија за социјални иновации – Смарт АП и Македонскиот центар за граѓанско образование.