Во текот на работната посета на Хаг, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари состанок со својот холандски колега, министерот за надворешни работи, Каспер Велдкамп.
Главниот акцент на дискусијата беше ставен на унапредувањето на билатералните односи, како и на поддршката што Холандија ја пружа за европската интеграција на нашата држава. Исто така, беа разгледани актуелните регионални и глобални предизвици. Министерот Муцунски изрази своја благодарност за континуираната холандска поддршка, истакнувајќи го значајниот придонес на Холандија како еден од најзначајните донатори во клучни области за нашата земја.
Министерот ја нагласи определбата на Владата да ги реализира реформските приоритети, како и целосната усогласеност со Заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската унија. Двете страни се согласија за важноста на сојузништвото во НАТО, истакнувајќи го стратешкото значење на стабилноста на Западен Балкан и пораките од неодамнешниот Самит на Алијансата во Хаг. Во таа насока, беше нагласен и значајниот допринос на нашата држава кон стабилноста во регионот, особено во однос на миграциската криза.
Токму во дијалогот беше потврдена заедничката посветеност за понатамошно зајакнување на економските и трговските врски. Ова беше дополнително нагласено и на состанокот на министерот Муцунски со холандската бизнис заедница, во рамките на посетата на Холандската агенција за претпријатија.
Министерот Велдкамп ја подвлече силната пријателска врска помеѓу двете земји, како и ангажманот во текот на европските реформи, изразувајќи желба што побргу да ја види Македонија како дел од европското семејство. Тој акцентираше дека Холандија останува силен поддржувач на процесот на проширување на ЕУ, истакнувајќи дека напредокот треба да се темели на конкретни резултати, на што нашата земја активно работи.
Во рамките на работната посета на Хаг, министерот Муцунски, заедно со директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони, Гоце Димовски, пред холандските бизнисмени во Холандската агенција за претпријатија, презентираа можностите за инвестиции кои ги нуди нашата земја за привлекување нови холандски инвестиции.




