Македонските атлети успеаја да освои сребрен медал и да постигнат два нови младински рекорда на Балканското првенство под 20 години, што се одржа во Крајова, Романија. Женската штафета на 4×100 метри се закити со среброто и постави нов младински национален рекорд со времето од 48.95 секунди. Во состав на штафетата беа: Ева Митевска, Тамара Атанасовска, Лина Исени и Марта Димковска, кои го подобрија рекордот кој постоеше од 1999 година.
Брајан Авиа забележа нов младински национален рекорд во скокот во далечина, со резултат од 7.15 метри, подобрувајќи го сопствениот рекорд за четири сантиметри и освои шестото место. Во скокот во височина, Авиа се пласираше на петото место со 2.04 метри.
Иван Поповски постави нов личен рекорд во скокот во височина со 1.91 метар, завршувајќи на деветтото место.
На 100 метри, Ева Митевска постигна нов личен рекорд од 12.40 секунди и го освои 11-то место, додека Тамара Атанасовска забележа личен рекорд од 12.63 секунди, завршувајќи на 13-то место.
Марта Димковска го освои 10-то место на 400 метри со време од 59.84 секунди, а Лина Исени се пласираше на 12-то место во скокот во далечина со резултат од 5.23 метри.
Во машката конкуренција на 100 метри, Димитар Корчаковски не успеа да ја заврши трката поради проблеми на стартот, додека Марко Алексовски беше принуден да го откаже настапот поради повреда здобиена за време на загревањето. Репрезентацијата беше предводена од тренерите Ѓорѓи Вучков и Божурка Ѓошевска.




