„(С)обувки“ – објавена првата македонска сликовница без текст – Вечер …1963

Издавачката куќа „Арс Ламина“, преку својот печат за детска литература „Либи“, објави уникатна нема сликовница во Македонија под наслов „(С)обувки“. Оваа сликовница не користи зборови за да ја раскаже својата приказна, туку се потпира на илустрации, оставајќи му на читателот целосна слобода да ја интерпретира самостојно.

Со идеја на Оливера Ќорвезироска и илустрации од Наталија Лукомска, оваа визуелна приказна нè носи низ чудесни сцени со обични луѓе, но и ликови од бајките и познатите книжевни дела, кои боси чекорат кон најдобриот чевлар на светот. Тука секој пронаоѓа свои идеални обувки, освен девојчето од соседството, за кое остануваат чевли со високи потпетици. Но, девојчето се заљубува во нив, ги обува и со насмевка излегува од приказната.

Промоцијата на книгата ќе се одржи на 20 февруари (петок), во 19 часот, во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, како дел од настанот „Денови на литературата“.

На настанот, покрај авторката Ќорвезироска и илустраторката Лукомска, ќе учествуваат и писателите Владимир Мартиновски, Елизабета Баковска, Ермис Лафазановски и Никола Маџиров. Тие ќе “ја читаат” книгата на свој начин со цел да им помогнат на децата и родителите во разбирањето на приказната. Основната идеја останува – приказната да ја раскажуваат децата со поддршка од возрасните, а не самиот автор.

„(С)обувки“ претставува експеримент создаден со радост и љубопитство – обид да се оствари првиот чекор кон новиот, илустративен жанр за најмладите во светот. Како и секоја нема сликовница, и оваа стреми да биде „прочитана“, иако не содржи ниту еден збор.

Сликовниците без текст претставуваат еден од најуникатните жанрови на илустрирани книги. Тие се свежи, инспиративни и поврзувачки: успешно ги надминуваат јазичните бариери бидејќи не користат текст и не бараат превод. Обединуваат деца и возрасни преку заедничко „читање“ и разгледување, овозможувајќи културно поврзување преку универзалниот визуелен јазик. Овие дела ги преобразуваат децата од слушатели во раскажувачи, развивајќи го говорот, збогатувајќи го речникот и поттикнувајќи ја свеста за структурата на приказната (вовед, заплет, решение и заклучок), а истовремено развиваат визуелна писменост и разбирање на невербалната комуникација. Деталите во илустрациите стануваат клучни – преку препознавање и поврзување на тие детали, децата создаваат сопствени, независни приказни. Овие сликовници не нудат конечни одговори, туку отвораат простор за бројни интерпретации.