Со василичарско оро и палење на маските заврши Вевчанскиот карневал.

Со неисцрпна креативност и хумор, жителите на Вевчани попладнево на симболичен начин се ослободија од злото, очистувајќи се со желби за здравје и бериќет за Новата година според Јулијанскиот календар. Василичарите рано утрово ги обиколија семејствата на оние кои го носат името Свети Василиј.

Според традицијата, од утре, вевчанците ќе започнат да размислуваат во што да се маскираат за следната година.

Годинашното карневалско издание беше фокусирано на актуелните состојби во земјата и светот. Мигрантските кампови, политичката ситуација во државата, инвестициите во Дубаи, па дури и запирањето на нафта и средства од САД за Куба… Вевчанците на шармантен и сатиричен начин ја претставија виртуелната министерка од албанската влада, а не ги заборавија ниту лидерите на Русија и САД, Владимир Путин и Доналд Трамп. Посебно внимание привлече групната маска што се осврнува на кампањата за локалните избори на кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски, како и активностите на движењето ЗНАМ. Вевчани “дојде” и “Шареното племе” од Африка, за да го протера злото.

Вевчанскиот карневал, кој има традиција од околу 15 векови, симболизира два паралелни света: еден е поврзан со паганството, а другиот со христијанството. Оваа манифестација го одбележува христијанскиот празник Свети Василиј Велики и доаѓањето на Новата година според стариот, Јулијански календар.