Раперот Слаткаристика објави дека неговиот документарен филм, кој се фокусира на неговиот живот, ќе се создава без финансиска поддршка од Агенцијата за филм. Оваа одлука е резултат на реакциите во јавноста по објавувањето на проектот и доделувањето средства. Во објавата на социјалните мрежи, тој сподели дека во последните денови бил подложен на различни критики и коментари, но истакна дека самиот не побарал, ниту добил финансии.
„Сакам да биде јасно… ниту барав, ниту добив пари. Поддршката е за документарниот филм и тимот, кој со многу посветеност работи на приказна што зборува за многу повеќе од мене“, напиша Слаткаристика.
Тој ја изрази својата благодарност кон Комисијата на Агенцијата за филм за препознавањето на важноста на темата, но нагласи дека не сака проектот, кој по неговото мислење пренесува пораки за разбирање и прифаќање, да започне со поделби.
„Затоа решивме да го реализираме филмот без средствата од Агенцијата за филм“, соопшти тој.
Слаткаристика истакна дека проектот ќе продолжи со поддршка од соработниците, пријателите и сите оние кои го следат и поддржуваат неговото творештво.
„Продолжуваме понатаму… Заедно со сите наши поддржувачи, соработници и пријатели, за што им сум искрено благодарен. Најважната поддршка доаѓа од вас, луѓето кои ме сакаат, почитуваат и ценат. Светот ќе го слушне гласот на оние што остануваат во сенка. Се гледаме на премиерата“, напиша тој.
Реакциите во јавноста по објавувањето на поддршката од Агенцијата за филм беа условени од неговото учество во кампањата за референдумот за Договорот од Преспа и промената на уставното име на државата.




