Силно насилство во Гази Баба: Скопјанец нападнал и задушувал партнерка, ѝ се заканувал со нож и ѝ преломил ребро.

Обвинителство поведе постапка против скопјанец за насилство

Основното јавно обвинителство во Скопје започна постапка против 51-годишен жител на градот, за кого постојат основани сомневања дека сторил кривични дела телесна повреда и загрозување на сигурноста. Овие дела се казниви согласно член 130, став 2 во контекст на став 1 и член 144, став 3 во контекст на став 1 од Кривичниот законик.

Според информациите од обвинителството, на 14 јануари, во видно алкохолизирана состојба, осомничениот ја нападнал својата партнерка во домот во скопската општина Гази Баба, каде таа привремено престојувала. Тој ја удирал по главата и телото, ја давел за вратот и ѝ се заканувал со нож, со кој, според пријавата, замавнал кон неа.

Жртвата ја спасија двајца потстанари од истата зграда, кои успеале да ја извлечат од просторијата и веднаш повикале полиција. По добиената лекарска помош, кај жената се констатирани повеќе телесни повреди, вклучувајќи пукнатина на ребро и на градната коска.

Имајќи ја предвид сериозноста на делото и можноста од бегство, Основното јавно обвинителство до судијата на претходна постапка во Основниот кривичен суд во Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот.