Денес, по иницијатива на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во Кабинетот се одржа дебата на тема: „Климатски промени – ризици и предизвици“, модерирана од професор д-р Владо Спиридонов, член на Советот за безбедност. Во своето воведно обраќање, претседателката истакна дека климатските промени ги интензивираат постојните економски, социјални и безбедносни ризици. Според неа, е време да преминеме од реактивно кон превентивно дејствување, преку рано предупредување, координација и соработка меѓу институциите, како и интегрирани политики.
За неа, енергетската транзиција и намалувањето на зависноста од фосилни горива се клучни, но тие треба да се реализираат на начин кој нема да ја загрози стабилноста и одржливиот развој. Покрај претседателката, свои поздравни обраќања имаа и д-р Теодора Обрадовиќ-Грнчаровска, национална координаторка за климатски промени и контакт-лице со Организацијата на обединетите нации за климатски промени, како и проф. д-р Владо Спиридонов.
Во нејзиното воведно излагање, д-р Обрадовиќ-Грнчаровска се осврна на националната легислатива, европските регулативи и реформите од Планот за раст, поврзани со климатските промени. Проф. д-р Владо Спиридонов ги презентираше климатските сценарија од 2026 до 2100 година и алгоритмите за предвидување на природни катастрофи.
Дебатата беше структурирана во три сесии. Првата сесија, насловена „Институционална рамка и законска регулатива за климатски промени, квалитет на воздух и здравствени последици“, обедини експерти како проф. д-р Дејан Мираковски, ректор на Универзитетот „Гоце Делчев“, Анета Стефановска, раководителка на одделение за мониторинг на квалитет на воздухот во Министерството, прим. д-р Оливер Зафировски, директор на Клиниката за пулмологија, проф. д-р Маргарита Гиновска и д-р Наташа Марковска, научен советник.
Втората сесија се фокусираше на климатските ризици, отпорноста и иновативните пристапи за адаптација. На неа учествуваа проф. д-р Ивица Милевски, проф. д-р Никола Николов, Ана Чоловиќ-Лешоска, м-р Васко Поповски и Борис Секирарски.
На третата сесија, под наслов „Интегрирано управување со води, квалитет на водите, георизици и адаптација на земјоделството“, учествуваа проф. д-р Иван Блинков, проф. д-р Ордан Чукалиев, проф. д-р Соња Липиткова и проф. д-р Катерина Дрогершка.
Во долгата и плодна дискусија, придружена со бројни прашања и аргументирани одговори, беа предложени мерки за превентивно делување, како и иновативни решенија за адаптација. Присутните добија јасна слика за управувањето со квалитетот на воздухот, влијанието на аерозагадувањето врз здравјето, актуелните истражувања, иновации и образовање во рамките на климатските системи, како и предлог заклучоци и препораки кои ќе бидат упатени до Советот за безбедност и јавноста.




