Шпанската економија порасна преку инвестиции, извоз и реформи

Шпанската економија порасна преку инвестиции, извоз и реформи

Во срцето на Шпанија,во градот Сеговија,зимското попладне носи свежина,но тоа не ги спречува туристите да се собираат пред величествениот римски аквадукт. Додека позираат за фотографии,тие со восхит ги набљудуваат импресивните сводови на оваа историска градба.

Покрај домашните посетители, Сеговија привлекува и љубители на историјата и гастрономијата од различни делови на светот – Европејци, Азијци и Латиноамериканци, кои ја избираат токму оваа дестинација поради нејзината неповторлива убавина и близината до Мадрид.

„Во периодот на пандемијата, се прашував дали туризмот некогаш ќе се врати на старото ниво“, вели локалниот водич Елена Мирон, која со беретка на главата ги води посетителите низ улиците на градот. „Но сега, сѐ изгледа подобро од очекуваното.Очекувам оваа година да биде успешна, како што беа и 2023 и 2024 година. Среќна сум што можам да живеам од нешто што навистина сакам да го правам.“

Изминатата година, Шпанија забележа рекорден број туристички посети – дури 94 милиони луѓе ја посетија земјата, што ја поставува во трка со Франција, која има 100 милиони посетители, за титулата најпосетувана туристичка дестинација на светско ниво. Според анализите, брзото заздравување на туристичкиот сектор по пандемијата одигра клучна улога во економскиот напредок на земјата.

Оваа брза експанзија ја постави Шпанија пред своите европски конкуренти како Германија,Франција,Италија и Велика Британија. Со раст од 3,2% во БДП во 2024 година, Шпанија значително ја надмина Германија, која бележеше пад од 0,2%, како и Франција (1,1%), Италија (0,5%) и Велика Британија (0,9%).

Ваквите резултати беа доволна причина магазинoт „Економист“ да ја рангира Шпанија како земја со најдинамичен и најуспешен економски развој во светот.

Тајната зад шпанскиот економски модел

„Клучот на нашиот успех лежи во рамнотежата. Ова е одржлив модел кој обезбедува долгорочен развој“, објаснува Карлос Куерпо, министер за бизнис во шпанската влада. Тој нагласува дека Шпанија придонела за 40% од вкупниот раст на еврозоната во 2024 година.

Иако туризмот игра водечка улога, економскиот раст на Шпанија е поттикнат и од јакнење на финансиските услуги, развојот на технологијата и инвестициите. Овие сектори одиграа значајна улога во закрепнувањето од економските штети кои ги донесе пандемијата, кога БДП падна за 11% во еден краток период.

„Излеговме од кризата без да останат длабоки траги, притоа модернизирајќи ја економијата и зголемувајќи го потенцијалот за идниот економски раст“, нагласува Куерпо.

Овој процес на обнова и напредок беше потпомогнат од фондовите на Европската унија преку програмата EU Next Generation.Во рамките на овој план, Шпанија има право да обезбеди до 163 милијарди евра до 2026 година, што ја става веднаш зад Италија како најголем корисник на овие средства.

Финансиските инвестиции се насочени кон подобрување на железничката мрежа, создавање урбани зони со помало аерозагадување, поддршка за индустријата за електрични возила и поттикнување на малите бизниси.

Според економистката Марија Хесус Валдеморос, државната потрошувачка одиграла клучна улога во закрепнувањето на економијата. Таа истакнува дека јавниот сектор еден од најзначајните фактори за економскиот скок што Шпанија го забележа по кризата.

„Другите големи економии во Европа се соочуваат со предизвици поради нивната зависност од индустријата, додека шпанската економија е повеќе флексибилна. Германската индустрија, на пример, трпи последици од високите цени на енергијата, зголемената конкуренција од Кина и други азиски земји, како и од трошоците за еколошката транзиција“, додава таа.

Справување со инфлацијата и енергетската криза

Покрај последиците од пандемијата, Шпанија се соочи и со нов предизвик – инфлацијата, која се разгоре како резултат на руската инвазија врз Украина и глобалните синџири на снабдување. Во 2022 година, стапката на инфлација достигна 11%, што посебно ги погоди цените на енергијата. Сепак, до крајот на 2024 година, инфлацијата беше сведена на 2,8%.

Шпанската влада воведе мерки за да ги ублажи овие ефекти, вклучувајќи субвенции за гориво и олеснувања за користење на јавен транспорт. Дополнително, неколкукратно е зголемена минималната плата за да се одговори на растечките трошоци за живот.

Една од клучните иницијативи на Шпанија беше таканаречениот „ибериски исклучок“, постигнат во договор со Европската унија. Овој механизам ѝ овозможи на земјата да ја ограничи цената на гасот што се користи за производство на електрична енергија, што пак ги намали сметките за потрошувачите.

Покрај тоа,значајна предност на Шпанија е и производството на обновлива енергија. Земјата располага со втората најголема инфраструктура за зелена енергија во ЕУ, што ѝ носи клучни инвестиции и ја намалува зависноста од традиционалните извори на енергија.

Невработеноста и предизвиците на иднината

И покрај позитивните трендови,невработеноста останува еден од најголемите предизвици за шпанската економија. Со стапка од 10,6%,Шпанија сѐ уште има највисока невработеност во Европската унија,иако ова е најниското ниво од 2008 година.

Постојано расте и бројот на вработени, кој сега достигна рекордни 22 милиони луѓе. Промените во работното законодавство, кои овозможија поголема стабилност на работните места, одиграа значајна улога во намалувањето на привремените договори и зголемувањето на бројот на постојани вработувања.

Во меѓувреме, имиграцијата останува тема на политички дебати, но многумина ја гледаат како неопходен фактор за надополнување на работната сила, особено во контекст на стареењето на населението.

Иако Шпанија продолжува да биде двигател на европската економија, земјата се соочува со нови предизвици – од зголемената зависност од туризмот и јавниот долг, до проблемите на пазарот на недвижности. Сепак, додека владата бара решенија за овие прашања, Шпанија останува еден од најдинамичните столбови на економскиот раст во Европа.