На 39. Охридски пливачки маратон, денеска во водите на Охридското Езеро, ќе учествуваат 16 маратонци, од кои 11 во машка и 5 во женска конкуренција.
Маратонците од Македонија, Србија, Турција, Канада, Италија, Шпанија, Португалија и Аргентина ќе се натпреваруваат на патеката „Климе Савин“ која е долга 25 километри, од Свети Наум до Градското пристаниште во Охрид.
Меѓу натпреварувачите кои го бранат образот на Македонија се Александар Илиевски, Петар Цеков, Леонид Мишевски и Росана Гошева.
Во машка конкуренција покрај нашите пливачи, ќе настапат и Матеа Видовиќ од Србија, Умит Кемал Џенгиз од Турција, Филип Лакас од Канада, како и Алесио Окипинти и Николо Ричарди од Италија. Од Шпанија ќе учествуваат Енеко Саезмиера и Даниел Понсе Хименез, додека Португалија ќе ја претставува Кристијано Карамело Сантос.
Во женска конкуренција, покрај Гошева, ќе пливаат и Елена Лионело од Италија, Милица Љубисављевиќ од Србија, а од Аргентина ќе учествуваат Рита Ванеса Гарсија и Мајте Ајлен Пука.
Стартот на маратонот е планиран за 11 часот од Свети Наум, а целта е Градското пристаниште во Охрид, што ќе се оствари во времетраење од околу пет часа, зависно од условите на патеката.

Наградниот фонд на годинашниот маратон изнесува 15 илјади долари, а паричните награди ќе бидат распределни за најдобрите пливачи во двете категории.
Покровители на маратонот се Општина Охрид, Министерството за спорт и претседателот на Република Македонија, додека технички организатор е Пливачкиот клуб „Охридски бранови 2008“.
Овој маратон носи долгогодишна традиција, започната во 1950-тите, и е една од најзначајните спортски манифестации во Охрид и Македонија. Првиот маратон на релацијата Горица – Охрид беше одржан во 1954 година, а од 1962 година се исплива подолгата релација Пештани – Струга – Охрид, која е долга 36 километри.
По обновувањето на маратонот во 1992 година, трката се организира на патеката „Климе Савин“, која во почетокот беше долга 30 километри.
Низ годините, маратонецот привлекувал многу познати имиња од светот на маратонското пливање, а рекордер по бројот на победи е Бугаринот Петар Стојчев со 11 триумфи. Првиот македонски победник во современата историја на маратонот е Евгениј Поп Ацев, кој победи на 29. издание во 2015 година, додека во 2016 година триумфираше и Томи Стефановски.




