РК Пролет 62 се повлече од македонската Суперлига поради финансиски пречки

Ракометниот клуб Пролет 62 денеска објави дека поради финансиски предизвици се повлекува од натпреварувањето во македонската Суперлига за идната сезона.

Скопскиот клуб, кој во последните години учествуваше во суперлигашката конкуренција под името РК Тинекс Пролет, ја наведе „необновата на договорот со генерален спонзор“ како причина за оваа одлука.

„Завршувањето на нашето партнерство со долгогодишниот и ценет спонзор нè принуди да донесеме тешка, но одговорна одлука да се повлечеме од Суперлигата за следната сезона. Оваа одлука не е лесна, туку е резултат на внимателно разгледување, со цел да се зачува стабилноста и иднината на клубот. Сметаме дека во овој момент, најодговорно е да избегнуваме финансиски обврски кои не би можеле целосно да ги исполниме“, се вели во соопштението од РК Пролет 62.

Во објавата се додава дека клубот останува посветен на развојот на младите ракометари и на продолжувањето на традицијата која трае веќе 64 години.

„Клубот ќе настапува во Првата лига, а во следниот период наш главен приоритет ќе биде пронаоѓање нов генерален спонзор, кој ќе дозволи повторно враќање во Суперлигата и продолжување на успесите кои заедно ги постигнавме“, се наведува во соопштението.

Новата сезона во ракометната Суперлига ќе стартува на 5 септември.