По внимателно разгледување Владо Милев (39) одлучи да се повлече од клубот, како претседател и како играч. Оваа одлука е донесена во согласност со неговите принципи и визија, признавајќи дека продолжувањето на соработката со некои членови на управата, кои имаат различни вредности и пристапи, не е во согласност со тие принципи, соопштуваат од ОК Струмица, долгогодишниот македонски одбојкарски шампион и освојувач на купот.
Во соопштението се истакнува дека Милев е дел од генерацијата која постигна најголеми успеси во историјата на македонската одбојка и е потпретседател на Одбојкарската федерација на Македонија.
– Под негово водство, клубот секоја година се искачува на врвот во сите категории – од пионери до сениори, постигнувајќи континуитет на успех што е реткост во спортот. Владо реализираше едно од најзначајните проекти во македонската одбојка – соработката со „Jastrzębski Węgiel“, европски и полски шампион, проект што малку клубови можат да го достигнат. Благодарение на оваа соработка, младите играчи имаа можност да тренираат со врвни професионалци и да се запознаат со елитниот стил на игра, додека тренерите добија обука од најпризнатите тренери во светот, со знаење кое веднаш го применуваа во клубот, доведувајќи до одлични резултати во сите категории, се наведува во соопштението на klubot.
Дополнително, се нагласува дека сето што Милев постигнал со клубот е трајна вредност и сведоштво за неговиот труд, посветеност и интегритет при управувањето со клубот. ОК Струмица му изразува длабока благодарност за сè што направил – за играчите, тренерите, младите, градот и македонската одбојка. (МИА)




