Прво избори во Украина, па Киев преговарачка маса

Американскиот претседател Доналд Трамп изрази критики кон неговиот украински колега Володимир Зеленски, реагирајќи на неговите забелешки дека Украина не била повикана на разговорите меѓу САД и Русија за ставање крај на војната, кои се одржаа вчера во Саудиска Арабија.

Трамп посочи дека Украина имала можност уште од почетокот да постигне договор кој ќе спречеше војна, но не го направила тоа.

Во обраќањето, Трамп нагласи дека е убеден дека разговорите меѓу Вашингтон и Москва би можеле да доведат до решение за прекинување на конфликтот.

– Разочаран сум кога слушам дека се жалат што не биле поканети. Денеска дознав: „Не бевме поканети“. Но, вие сте таму веќе три години… Оваа војна никогаш не требаше да се случи. Можевте да постигнете договор уште тогаш – изјави Трамп пред новинарите во неговото одморалиште Мар-а-Лаго на Флорида,коментирајќи ја реакцијата на Украина по средбата меѓу високи претставници на САД и Русија во Ријад.

Тој додаде дека ако бил на функција во моментот кога избувна војната, ќе се погрижеше Украина да добие сè што ѝ е потребно.

– Јас ќе можев да склучам договор кој ќе ѝ овозможеше на Украина да ја задржи речиси целата своја територија. Немање жртви, немање уништени градови – истакна Трамп.

По одржаните разговори, Трамп се чувствува уште посигурен во можноста за постигнување мировен договор, а меѓу присутните на состанокот бил и американскиот државен секретар Марко Рубио.

Критикувајќи го Зеленски, Трамп рече дека секој просечен преговарач ќе можел да постигне договор пред неколку години, а притоа да не загуби значителен дел од територијата.

Дополнително, Трамп подвлече дека во Украина мора да се одржат претседателски избори.

– Се соочуваме со ситуација во која не се одржуваат избори, а имаме фактичка вонредна состојба – рече Трамп, коментирајќи ги руските барања за потпишување мировен договор дури по одржувањето на изборите.

Според него,популарноста на Зеленски во Украина значително опаднала и сега изнесува само 4%.

– Украинскиот народ треба да си постави прашање: „Зарем не помина премногу време без избори?“ Ова не го велам врз основа на она што го бара Русија, туку од лично убедување, како и од перспектива на многу други земји – додаде Трамп.

Американскиот претседател исто така изјави дека не се противи на евентуално распоредување европски мировни сили во Украина во случај на мировен договор.

– Ако тоа е она што го сакаат,немам ништо против.Јас сум комплетно за – посочи Трамп, додека потенцираше дека нема намера да испраќа американски војници во Украина.

Дополнително, тој најави дека веројатно ќе се сретне со рускиот претседател Владимир Путин до крајот на февруари. На новинарско прашање дали е можно да има средба со Путин до крајот на месецов, Трамп кимна со главата и кусо одговори: „Веројатно“, пред да ја напушти просторијата во која се одржа прес-конференцијата.