Претставата „Ана Каренина“ продолжува со своите успешни изведби.

Во Државниот театар во Ван, Република Турција, со голем успех беше одржана премиерата на театарската продукција „Ана Каренина“, адаптирана и режирана од познатиот македонски режисер Дејан Пројковски. Овој театарски спектакл, инспириран од класичниот роман на Лав Толстој, ја остави без здив и публиката и критичарите, најавувајќи богат сценски и фестивалски живот, информираат од Македонски културен центар во Истанбул.

-Ова е втората претстава што ја правам во Турција, по успешната „Ромео и Јулија“ во Истанбул која беше прогласена за најдобра на годината. По реакцијата на публиката и новинарите на премиерата, уверен сум дека „Ана Каренина“ ќе има долг сценски живот. Првите пет изведби се веќе комплетно распродадени, што е јасен сигнал за интересот кон оваа претстава. Во Државниот театар – Ван бев заедно со мојот авторски тим: кореографот Олга Панго, сценографот Валентин Светозарев и композиторот Горан Трајкоски, изјави режисерот Пројковски.

Настанот беше значен и за присуството на директорот на Македонскиот културен центар во Истанбул, Диме Ратајкоски, кој ја нагласи важноста на таквите соработки што ги продлабочуваат културните врски меѓу Македонија и Турција. -Театарот отсекогаш бил средба на идеи, емоции и дијалог. Вечерва, со оваа извонредна адаптација на приказната на Толстој, уште еднаш се покажа дека уметноста нема граници. Македонскиот и турскиот театар имаат длабоки традиционални врски, а ваквите соработки се доказ за заедничката желба да се создава уметност која инспирира и поврзува, изјави Ратајкоски.

„Ана Каренина“ продолжува со своите успешни изведби во Ван, со целосно распродадени билети за првите пет претстави, што докажува огромен интерес кај турската публика за оваа турско-македонска театарска иницијатива. По претставите во Ван, продукцијата планира да продолжи и во театрите во Анкара и Истанбул.