Пожар во и околу фабриката за оружје и муниција во Самоков

Во кругот на фабриката за оружје и муниција АТС АММО, која се наоѓа во населба Самоков, повторно е активиран пожар. Сега се зафатија ниската вегетација, травните површини и дрвјата, како во фабриката, така и надвор од нејзиниот круг. За среќа, пожарот засега не ја зафатил продуктивната зона или другите магацински простории, но се преземаат итни мерки за негово гаснење и локализација, информираат од Центарот за управување со кризи. Во моментов, во земјата има осум активни пожари, а еден од нив е веќе изгаснат.

Според информации од ЦУК, денеска, околу 13:00 часот, командирот на Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Македонски Брод пријавил повторно активирање на пожарот во кругот на фабриката.

– Иако претходно локализираниот пожар во магацинот беше изгаснат пред неколку дена, во ноќните часови се случила експлозија на буре со хемикалии, кои биле складирани во веќе зафатениот дел. Денеска, пак, дошло до втора експлозија на друго буре со хемикалии, што доведе до повторна активација на пожарот. Сега се запалени ниската вегетација и околината, иако производните хали и магацините се сè уште нетакнати. Од ЦУК истакнуваат дека итно се преземаат мерки за справување со ситуацијата.

На терен е распоредена екипа од ТППЕ Македонски Брод со едно противпожарно возило. Поради тешките услови на теренот и ризикот од ширење на пожарот, градоначалникот на Општина Македонски Брод побарал поддршка од ТППЕ Прилеп и ТППЕ Кичево. ТППЕ Прилеп веќе испратила еден противпожарен тим на лице место.

Градоначалникот, преку бројот за итни повици 112, официјално побарал и воздухопловна поддршка, која би им помогнала на копнените единици во гасењето на пожарот. Центарот за управување со кризи веднаш ги пренесол барањата до Министерството за внатрешни работи, Дирекцијата за заштита и спасување и Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија. ЦУК најавуваат дека ќе останат во координација со сите надлежни институции и ќе ја информираат јавноста за понатамошниот развој на настаните.

Од ЦУК достигна информација дека до 14:00 часот, се регистрирани вкупно осум пожари на отворен простор, од кои активни се во општина Прилеп: селото Бешиште – приземен пожар во мешана шума, општина Македонски Брод: селото Црешнево – гори деградирана дабова шума и грмушки, општина Чашка: под Солунска Глава, помеѓу Изворите на Бабуна и Бабина Дупка – нема активен пламен, но има чад во карпест дел, општина Чучер Сандево: помеѓу селата Блаце и Чучер – мешана шума и ниска вегетација, општина Македонски Брод: населба Самоков – во фабриката „Сувенир“ гори магацин/хала со гуми и палети, општина Македонски Брод: селото Слатино – гори лисната постелка и ниска вегетација, општина Старо Нагоричане: селото Белаковце – шумски пожар. До овој момент, еден пожар е изгаснат во општина Чешиново-Облешево: селото Чешиново – стрниште.