Градоначалникот на Скопје преку социјалните мрежи најави дека мостот „Генерал Михајло Апостолски“, кој ги поврзува општините Аеродром и Гази Баба, конечно се става во функција. „Она што со години претставуваше симбол на незавршеност и нерешени проблеми сега добива своето решение. Мостот, кој многумина го нарекуваа „мост кој не води никаде“ или „мост за ловење риба“, веќе нема да биде потсетник на нечија неработа, туку ќе стане важна сообраќајна врска за сите граѓани.
По години на хаос и одолговлекување, денес со гордост можам да кажам дека овој важен проблем го решаваме. Искачени се експропријациите, кои биле главна пречка за пуштањето на мостот во употреба. Следните 60 дена ќе се работи на воспоставување целосен и функционален сообраќаен проток, вклучувајќи и средувањето на потребната документација и процесот на преселување на луѓето кои живеат во објектите на трасата.
Срдечно се заблагодарувам на домаќините, културните и чесни луѓе, кои со својата поддршка помогнаа овој проблем да се претвори во решение. Благодарам и на моите колеги Бобан Стефковски и Дејан Митески за нивната посветеност. Во мене тие имаат не само градоначалник, туку и човек кој ќе биде тука за нив, исто како и тие денес се тука за стотици илјади граѓани на Скопје.
Ветив дека овој мост ќе биде завршен во рок од четири години. Но, со упорна работа и силна волја, успеавме да го завршиме за само шест месеци од мојот мандат! И не само овој мост. За шест месеци ги откочивме и проекти како „Момин Поток“, булеварот „Борис Трајковски“, мостот на „Љубљанска“ и булеварот „Македонија“ – проекти кои долго време изгледаа несовршени, а денес стануваат реалност.
Тоа е разликата кога постои волја и посветеност. Тоа е разликата кога зборот даден пред народот станува обврска, а не празно ветување. Ова е резултат на макотрпна и секојдневна работа, но најмногу од сè, овој успех е резултат на вашата поддршка, почитувани граѓани. Кога се сака, сè е можно. Продолжуваме напред, за Скопје какво што го заслужуваме“, истакна Ѓорѓиевски.




