Општина Пустец од Албанија и Кичево од Македонија потпишаа братимство.

Збратимувањето го официјализираа градоначалниците Пали Колефски и Александар Јовановски.

„Збратимувањето помеѓу Општина Пустец и Општина Кичево претставува важен чекор кон создавање трајни врски на соработка и пријателство, кои се базираат на заедничката историја, почит и искрена желба за заеднички напредок“, истакнаа градоначалниците.

Тие нагласија дека оваа значајна средба дополнително потврдува дека пријателските односи меѓу општините можат да се развијат во цврсти партнерства, насочени кон размена на искуства, институционална поддршка и реализирање на заеднички иницијативи во различни локални области.

„Преку оваа посета испративме силна порака за негово на добрососедските односи, како и заштита и промоција на културните вредности. Ние сме предодредени да создадеме нови можности за соработка во сферата на образованието, културата, локалниот развој, туризмот и поврзувањето меѓу граѓаните на двете општини“, додадоа од општините.

Прочитајте и:  Утрово во Охрид слета авион од првиот лет од Вроцлав, Николоски најави нова цел – четири милиони патници.

Делегацијата при посетата ги посети училиштето „Трајан Ѓорѓиовски и Митре Колевски“, црквата „Св. Архангел Михаил“ во центарот на Пустец, каде оддадената почит пред бистата на Гоце Делчев, како и музејот на писателот Стерјо Спасе во селото Глобочани.

Во делегацијата на Општина Кичево, покрај градоначалникот Јовановски, присуствуваа и пратеникот Ѓорѓија Сајкоски, заменик-министерот за јавна администрација Лазе Јаќимоски, како и претставници на граѓанскиот сектор, меѓу кои и Панди Јани и Спиро Малевски, претседател и секретар на здружението „Зошто“, кое ги обединува Македонците по потекло од Албанија.