„Објавена книгата за либерализмот во Македонија од Невен Радически“

Македоника литера овие денови ја издаде книгата „Либерализмот во Македонија: 1966 – 1974 (второ дополнето и проширено издание)“ напишана од Невен Радически. Политичките случувања на македонската сцена кон крајот на 60-тите и почетокот на 70-тите години од ХХ век биле дел од пошироките политички динамики во југословенската федерација и го одразувале зголемениот расцеп меѓу националните, економските и политичките интереси на различните републики и покраини. За да ги задржи своите позиции во Сојузот на комунистите на Југославија, Тито, потпирајќи се на конзервативните кругови во партијата, го отстранил либералното крило од политичката сцена. Македонските либерали, пак, биле обвинети бидејќи ја поддржувале демократизацијата, развојот на Македонија и националните интереси. Овие разлики прераснале во борба за власт, која вклучувала и лични напади.

Во првиот дел од книгата, авторот нагласува: „Второто, дополнето и проширено издание на „Либерализмот во Македонија (1966 – 1974)“ е плод на моето понатамошно истражување и разбирање на овој период од нашата историја. Користени се различни извори, објавени и необјавени, како и специјализирана литература, мемоари и публицистика, кои поради разни причини не беа при рака при изработката на првото издание. Во рамки на овој труд, особено поради темата на истражување, во третата глава се додадени два нови дела посветени на студентските протести на Универзитетот во Скопје во 1968 година и демонстрациите на Албанците во Македонија истата година.“

Невен Радически е роден во Скопје во 1979 година и дипломирал на Институтот за историја на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Во 2010 година завршил магистерски труд со наслов „Либерализмот во Македонија (1966–1974)“ на Институтот за национална историја во Скопје. Својата докторска дисертација на тема „Република Македонија во југословенската федерација (1953-1974)“ ја одбранил во 2014 година, со што стекнал научен степен доктор по историски науки. Од 2011 годината работи во Институтот за национална историја во Скопје. Радически го истражува историјата на македонскиот народ и современата македонска држава по Втората светска војна, со акцент на општествено-политичките, културните и економските состојби во Македонија и во југословенската федерација (1944–1991).