Новиот тим на Царинската управа целосно е посветен на остварување резултати и реализација на проекти.

Од енергетска стабилност до силна економија

На денешната трибина посветена на темата „Од енергетска стабилност до силна економија“, се обрати Бобан Николовски, директор на Царинската управа. Тој детално дискутираше за предизвиците кои произлегуваат од претходната власт, како и за значајните подобрувања што ги донела актуелната влада на ВМРО-ДПМНЕ.

„Царинската управа на Република Македонија требаше да добие средства во буџетот, но средствата едноставно ги немаше. Најдовме незадоволителен број на контроли, целосно некомуникација и девастирана Царинска управа која не ја извршуваше својата основна функција. Откривачките активности беа сведени на минимум, а царинските испостави со месеци не бележеле ниту една заплена. Тоа укажуваше на фактот дека царинската управа немаше доволно иницијатива. Клучните проекти за Царинската управа и за државата не беа започнати, а оние што беа започнати, напредуваа бавно и со делумно исполнети рокови,“ објасни Николовски.

Тој истакна дека Царинската управа сега функционира со нов менаџмент и тим кој е посветен на постигнување значајни резултати и реализација на проекти.

„Тешко е да се опишат сите сили и енергија што ги вложивме во Царинската управа како нов менаџмент. Нашата цел е да ја претставиме Македонија во позитивно светло на европскиот план и да завршиме проекти кои беа оставени недовршени. Ова влијаеше и на наплатата на приходи, која постоеше во незадоволителен обем, а тоа ја водеше државата во негативна насока. По точно една година од формирањето на новиот менаџерски тим, развивме нова стратегија, мисија и визија. Изградивме ефикасен тим кој постигнува заеднички резултати, со соодветни луѓе на соодветни позиции. Спроведуваме мерки за подобрување на интегритетот и професионализмот во Царинската управа, наградуваме и казнуваме по заслуга. Новиот тим е целосно посветен на испорака на резултати, почитување на роковите и успешна реализација на проектите,“ подвлекува Николовски.