Во полското пристаниште Гдиња денес започна традиционалната двонеделна поморска вежба на НАТО „БАЛТОПС“, во која учествуваат повеќе od 30 пловила од 15 различни земји и околу 6.000 припадници на вооружените сили. Вежбата е организирана под водство на Морнарицата на Сединетите Американски Држави и ќе заврши во германскиот пристанишен град Кил.
Според податоците од германската морнарица, целта на оваа активност е да се зголеми присуството на Алијансата на море, како и да се демонстрира способноста за одвраќање и заштита на поморските патишта. Германскиот контраадмирал Штефан Хајш истакна дека за време на вежбата ќе бидат распоредени воени бродови, чамци, морнарички авиони и беспилотни системи. Главниот акцент на БАЛТОПС е обезбедувањето на слободата на пловидба во Балтичкото Море, кое доби особено стратешко значење поради војната во Украина.
Меѓу деветте држави што имаат излез на Балтикот, единствено Русија не е членка на НАТО. Вежбата БАЛТОПС има долга историја која потекнува од времето на Студената војна. Според германската морнарица, првата значајна демонстрација на сили во рамките на оваа операција се случила во 1971 година, кога американскиот носач на авиони USS Intrepid, во придружба на три разурнувачи, влегол во Балтичкото Море, приближувајќи се на околу 37 километри од тогашниот советски брег. Целта била НАТО-силите да покажат својата способност за влез во Балтичкото Море и во исто време да спречат возможно излегување на непријателски воени бродови кон Северното Море и Атлантскиот Океан.
Денес, БАЛТОПС останува една од најзначајните годишни поморски вежби на Алијансата во регионот.




