Трагичен инцидент во техничкото училиште „Ахмет Којунџу“
Во средно стручно и техничко училиште „Ахмет Којунџу“ во округот Сиверек во Турција, се случи вооружен напад во кој повредени се 16 лица, а напаѓачот изврши самоубиство. Според информации од турските медиуми, инцидентот го предизвикал деветнаесетгодишниот Омер Кет, поранешен ученик на училиштето, кој неколку дена пред нападот објавувал заканувачки пораки на социјалните мрежи, индиректно упатувајќи на свои намери за насилен чин.
Во една од неговите објави, напишал: „Подгответе се. За неколку дена ќе има напад во ова училиште“. Кога влегол во училиштето со пушка, настанала паника меѓу учениците и вработените, при што дел од учениците во обид да се спасат скокале од прозорци, а наставниците се обиделе да организираат евакуација. Според изјавите на безбедносните служби, поголемиот дел од учениците биле извлечени на безбедно.
На местото на инцидентот веднаш пристигнале полициски и медицински екипи, а училиштето било опколено од специјални единици бидејќи напаѓачот одбивал да се предаде и се сокрил во објектот. По кратка опсада, тој извршил самоубиство и бил пронајден мртов.
Од нападот, 16 лица, вклучувајќи ученици, наставници, еден полицаец и работник во мензата, се повредени. Неколку од повредените се во потешка состојба и се префрлени во болници во околината, додека останатите се згрижени во државната болница во Сиверек. Градоначалникот на Сиверек, Али Мурат Буџак, изјави дека двајца наставници се во критична состојба. Според него, напаѓачот претходно бил во контакт со училиштето, но неговиот однос со институцијата бил прекинат.
Мотивите за нападот остануваат нејасни, а истражителите продолжуваат да ги анализираат неговите објави на социјалните мрежи, како и околностите што довеле до овој трагичен инцидент. Јавноста во Турција е потресена од новиот случај на училишно насилство, кое е релативно ретко во земјата.




