„Во периодот од 18 јули во 8 часот до 19 јули во 8 часот, Општата болница во Гостивар забележа: 204 прегледи на Инфективното одделение, при што три лица се хоспитализирани; 140 прегледи на Педијатриското одделение, од кои 105 нови и 35 контролни, како и девет прегледи во Ургентниот центар. Клиничката слика кај најголемиот дел од пациентите е лесна, а бројот на хоспитализирани останува низок. Сепак, поради зголемениот број заболени во краток временски период, состојбата се третира како активен епидемиски настан и се спроведуваат сите потребни епидемиолошки, лабораториски и превентивни активности“, соопштуваат од Министерството за здравство.
Од таму додаваат дека Подрачната единица на Центарот за јавно здравје во Гостивар врши теренски увиди, епидемиолошки анкети и собирање податоци од заболените. Досега се пријавени околу 140 случаи на заразна болест, кои се обработуваат од епидемиолошките тимови на ЦЈЗ Тетово и Институтот за јавно здравје.
„Институтот за јавно здравје учествува во истражувањето со стручна и лабораториска поддршка, а заедничките тимови продолжуваат со анкетирање на заболените, анализа на можните заеднички изложувања и микробиолошко испитување на собраните примероци. Според Законот за заштита на населението од заразни болести, надлежноста за прогласување на епидемија во Гостивар ја има Центарот за јавно здравје Тетово. По спроведените теренски увиди, епидемиолошки анкети и обработка на пристигнатите пријави, надлежниот Центар ќе донесе одлука“, додаваат од Министерството за здравство.
Во тек се: епидемиолошко истражување и активно следење на новите случаи; микробиолошки испитувања на примероци од пациенти; анализа на примероци од водата и процена на можните извори на зараза; надзор над водоснабдувањето и санитарно-хигиенските услови, како и координација со Агенцијата за храна и ветеринарство, Државниот санитарен и здравствен инспекторат и локалните институции.
„Министерството за здравство апелира до граѓаните да ги следат официјалните препораки, да одржуваат редовна хигиена на рацете, а лицата со повраќање, дијареја, покачена температура или знаци на дехидратација навремено да побараат медицинска помош. Јавноста ќе биде редовно и транспарентно информирана за лабораториските резултати, промените во бројот на заболени и за сите дополнителни мерки што ќе бидат преземени“, стои во соопштението.



