Министерот на Белгија: Не патуваме за Гренланд со цел да се судириме со САД, тоа не ни е намерата.

Белгија не се приклучила на арктичката мисија предводена од Данска со цел да се противстави на Соединетите Американски Држави, изјави белгискиот министер за одбрана, Тео Франкен. Тој ги отфрли наводите дека зголеменото европско воено присуство во Гренланд е демонстрација на сила кон Вашингтон. Во интервју за телевизија, Франкен оцени дека создавањето впечаток дека Европа одбира да се конфронтира со САД е комплетно погрешно. Според него, не постои никаква таква намера, а учеството на Белгија е ограничено и не борбено.

Министерот нагласи дека земјата ќе испрати еден офицер како дел од извидувачка мисија на Гренланд, која ја предводи Данска. Неговата задача ќе биде да ги процени логистичките можности, оперативните опции и условите на теренот. Франкен истакна дека станува збор исклучиво за извидувачка мисија, без планови за трајно распоредување или воспоставување борбени позиции.

Овој чекор доаѓа во време кога Данска, на барање на сè поголем број европски сојузници, ги засилува воените активности во Гренланд и околината. Копенхаген објави дека целта е зајакнување на безбедноста на Арктикот и подобрување на способностите на сојузниците за дејствување во екстремни услови. Веќе се пристигнати офицери и помали воени единици од неколку европски држави на островот.

Распоредувањето се одвива во чувствителна политичка ситуација, откако американскиот претседател Доналд Трамп неколку пати ја спомена можноста САД да преземат контрола над Гренланд. Тој неодамна изјави дека заземањето на островот можеби би била опција за Вашингтон, дури и во контекст на НАТО, минимизирајќи ги ограничувањата на меѓународното право.

Франкен подвлече дека европскиот одговор треба да се сфати како порака на уверување, а не како одвраќање. Тој посочи дека пораката до Вашингтон е дека европските земји се подготвени да преземат одговорност за безбедноста на Гренланд, особено поради загриженоста од зголемените руски и кинески активности во Арктикот. Оваа одговорност тие сакаат да ја реализираат во рамките на НАТО, во кој членуваат и САД.

Заклучно, Франкен истакна дека не постои намера за воена конфронтација со Американците, нагласувајќи дека никој во Европа не сака конфликт, туку соработка и стабилност.