Инвестицијата за реконструкција на салата е во износ од 120.000.000 денари, обезбедена од Владата преку Министерството за спорт, како дел од проектите за долгорочна промена кои се основа за сигурна иднина.
Мицкоски нагласува дека целта на проектот е да се создаде модерен спортски центар кој ќе ги задоволи потребите на професионалниот и рекреативниот спорт.
Салата ќе располага со вкупна површина од околу 2.000 метри квадратни, од кои 1.400 метри квадратни се наменети за спортски терен, а 600 метри квадратни за придружни простории, административни функции и услуги. Проектираниот капацитет е околу 1.000 гледачи.
Во проектот е опфатена изградба и опремување на спортски објект со ФИБА LEVEL 1 стандард, вклучувајќи енергетски ефикасни системи за греење, ладење и вентилација, подно греење поврзано со градската топловодна мрежа, како и современо спортско осветлување со професионална фотометрија. Планирано е поставување на висококвалитетен масивен спортски под, нова спортска опрема и целосно обновување на административните и придружните простории, информира премиерот Мицкоски.
Премиерот сподели детали и од фазата на работа на проектот за реконструкција и пренамена на поранешната Стоковна куќа во современ мултифункционален културен центар со музејска содржина во Радовиш. Објектот, кој се наоѓа во централното градско подрачје, добива нова намена и значење како јавен простор од културен и општествен интерес.
„Во текот на работната фаза се реализираат интензивни градежни активности, како конструктивна санација и адаптација на постојниот објект, внатрешно уредување, функционална реорганизација на просторот и усовршување на условите за современи културни, изложбени и музејски содржини. Со инвестиција од 229.691.396 денари, обезбедена од Министерството за култура, се поставуваат темелите за нов културен центар кој ќе ја обогати културната сцена, ќе помогне во зачувувањето и презентацијата на културното наследство и ќе ја зголеми достапноста на културните настани за сите граѓани“, изјави Мицкоски.




