Германскиот канцелар Фридрих Мерц денесka ги повика младите да размислат внимателно пред да одлучат да студираат или работат во Соединетите Американски Држави, истакнувајќи дека Германија нуди подобри долгорочни перспективи.
„На своите деца денес не би им препорачал да одат во САД за образование или работа“, изјави Мерц на собирот на германските католици во Вирцбург. Тој нагласи дека во Америка се развила „поинаква општествена клима“, додавајќи: „Дури и најобразованите луѓе таму денес се соочуваат со големи потешкотии при барањето работа.“
Мерц им порача на младите присутни дека германската социјална пазарна економија, и покрај економските последици од меѓународните конфликти и војни, и натаму нуди силни можности, вклучително и работнички права за учество и одлучување на сите нивоа.
„Сакам да ги охрабрам сите да останат оптимисти и да веруваат во својата способност да успеат, дури и пред бројни предизвици“, изјави Мерц. Тој нагласи дека е уверен оти малку држави во светот нудат толку многу можности за младите како што тоа го прави Германија.




