Во Венеција пристигна уметничкиот тим што ќе ја репрезентира Македонија на 61. Биенале за уметност. Отворањето на Македонскиот национален павилјон е планирано за петок, 8 мај, во 18:30 часот. Тука ќе биде изложен проектот „Пиета во прекривките на ургентноста“ на мултимедијалниот уметник Велимир Жерновски. Организацијата на нашето присуство е во рацете на Музејот на современа уметност – Скопје. Македонскиот национален павилјон се наоѓа на адресата Спацио Кастело 77, во близина на престижното Арсенале. Куратори на проектот се Тихомир Топузовски и Аманда Буткез од Канада, а комесар е Авни Ќаили.
Венециското уметничко биенале е најстарата ликовна манифестација во светот и ќе се одржува од 9 мај до 22 ноември. На 9 мај беа најавени главните награди „Златен лав“ во неколку категории, но церемонијата за нивното доделување е одложена за 22 ноември, откако Меѓународното жири, кое беше составено во последно време, поднесе колективна оставка.
„Поради оставките на Меѓународното жири на 61. Интернационална уметничка изложба и со оглед на актуелната меѓународна геополитичка ситуација, Биеналето реши церемонијата на доделување награди да се одржи на 22 ноември, последниот ден отворен за јавноста“, се вели во соопштението на Венециското биенале.
Тема на годинашната голема изложба е „Во молски тоналитети“, која ја кураторираше Којо Куох, која за жал почина пред една година. Изложбата ќе биде реализирана од тимот кој таа сама го избрала. На изложбата ќе бидат претставени дела од 110 уметници од сите делови на светот. Дополнително, на локациите Арсенале и Џардини ќе бидат вклучени 100 национални претставувања и 31 дополнителен настан.
Според кураторите Тихомир Топузовски и Аманда Буткез, инсталацијата на Жерновски ги преиспитува границите на човечкото, размислувајќи надвор од нив, со цел да создаде нови етички сензибилитети. Авторот во своето монументално дело ја обвиткува препознатливата Пиета со златни ургентни прекривки, направени од метализиран пластичен филм, материјал специјално развиен за вселенски мисии. Овие прекривки се водоотпорни, рефлективни и ја задржуваат телесната топлина. Кураторите објаснуваат дека уметникот со овој нов материјал повторно ја облекува Пиетата за да создаде нови значења. Златото ја обвиткува фигурацијата на делото во афективна сфера на емоции, страсти и страдање.
Велимир Жерновски, роден 1981 година во Скопје, дипломирал и магистрирал на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Преку медиумите на цртеж, видео, инсталации и сценски дизајн, тој ги истражува темите на идентитет, урбаност и популарна култура. Има реализирано соло изложби во Њујорк (2010, 2012), Париз (2011), Виена (2009, 2011), Фрајбург (2009), Белград (2014, 2020) и во Скопје (2006, 2007, 2010, 2012, 2013, 2018). Активно учествува на бројни групни изложби во Европа, САД и Азија од самиот почеток на неговата кариера во 2005 година.
Венециското биенале веќе 130 години е една од најзначајните културни институции во светот. Првата Меѓународна уметничка изложба била организирана во 1895 година.




