Левица поднесе кривична пријава против заменик-директорот на Македонски шуми, Михаилов
Како што информираат од Левица, оваа кривична пријава произлегува од случувањата пред неколку месеци, кога Михаилов објави видео од излагањето на Станкоска во Советот на Град Скопје. Веднаш потоа следуваа стотици коментари исполнети со закани, навреди и повици на физичко и сексуално насилство.
„Наместо да ги осуди јавно ваквите потези, функционерот од ДПМНЕ всушност ги одобруваше и поттикнуваше, создавајќи атмосфера на јавен линч. Станува збор за многу повеќе од индивидуална одговорност. Прашањето е дали во Македонија функционерите можат без последици да поттикнуваат насилство врз жени. Не е тајна дека кривичните пријави поднесени од Левица често завршуваат непроверени во фиоките на обвинителството, особено кога се однесуваат на лица блиски до власта. Токму затоа нема да дозволиме и оваа пријава да биде заборавена. Основното јавно обвинителство во Скопје ќе мора јасно да покаже дали постапува според закон или според партиска припадност!“, велат од Левица.
Дополнително, од Левица истакнуваат дека илјадници жени во Македонија немаат пристап до адвокати, медиуми или јавност.
„Години наназад, тие пријавуваат семејно насилство, закани, сексуално вознемирување, но институциите многу често реагираат дури откако насилството ќе ескалира. Некои жени никогаш не ја дочекуваат таа реакција. Доколку државата го заштити Кире Михаилов, тоа не значи само заштита на поединец, туку и на правото на секој политички именуван функционер да поттикнува насилство врз жени без последици. Ако јавен функционер не се плаши јавно да поттикнува насилство, што ќе ѝ каже државата на жената без функција, без медиуми, без адвокат и без партиска поддршка? Со кое право институциите ќе ја повикаат да пријави насилство? Со кое право ќе ѝ ветуваат заштита, ако денес не се подготвени да гонат човек кој тоа го правеше јавно, со свое име и од позиција на власт?!“, прашуваат од Левица.




