Вчера започна XV Меѓународен фестивал на спортски филм – Златибор 2026, традиционален собир кој по 15-ти пат ги поврзува спортот и филмот, носејќи ни фасцинантни приказни од спортскиот свет.
Документарниот филм „Легендите на сцена“, кој трае 17 минути и е произведен од Спортско радио 90.3 ФМ – Скопје, беше избран во официјалната програма на фестивалот.
Филмот ги прикажува настаните од незаборавниот ракометен спектакл организиран од ова радио на 29 октомври 2025 година во Спортскиот центар „Јане Сандански“, по повод 20 години од основањето на Спортско радио 90.3 ФМ.
Пред речиси 4.000 гледачи, на едно место повторно се собраа легендите на македонскиот и европскиот ракомет – Кирил Лазаров, Пепи Манасков, Борко Ристовски, Стојанче Стоилов, Филип Миркуловски, Арпад Штербик, Жоан Кањелас, Игор Карачиќ, Иван Чупиќ, Ренато Вугринец, Жељко Муса и многу други ракометни великани. На клупите беа присутни и легендарните тренери Лино Червар и Веселин Вујовиќ.
„Тоа беше вечер кога минатото повторно оживеа. Вечер во која ракометот ги спои Македонија, Балканот и Европа. Од тој спектакл, од илјадници снимени моменти, емоции и сведоштва, создадовме документарен филм – „Легендите на сцена““, изјавуваат од Спортско радио 90.3 ФМ.
21 август 2026 19:30 часот
Културен центар Златибор
Филмот е дел од официјалната програма, која вклучува и приказни посветени на големи спортски имиња како Пеле, Драган Џајиќ и Синиша Михајловиќ, како и многу други спортски историји од регионот и светот.
„За нас ова е многу повеќе од фестивалско прикажување“, нагласуваат создателите на филмот и додаваат:
„Ние го создадовме спектаклот, го снимивме и го претворивме во документарен филм. Сега приказната од Скопје патува понатаму – од Македонија до меѓународниот фестивал на спортски филмови“.
ЛЕГЕНДИТЕ НА СЦЕНА
Документарен филм
Продукција: Спортско радио 90.3 ФМ – Скопје
Продуценти: Златко Димески, Кристијан Митев
Копродуцент: Тони Митев
Режија: Дејан Димески
Директор на фотографија: Петар Кочишки
Оператор на камера: Андрей Димески
Оператор на камера: Димитар Атанасоски
Монтажа: Виктор
Приказна за една незаборавна ракометна вечер.
Приказна за легендите, ракометот и Македонија.
Една вечер. Една генерација легенди. Една приказна што продолжува да живее.




