Американскиот технолошки милијардер Илон Маск објави дека актуелниот претседател на САД, Доналд Трамп, се споменува во досијата поврзани со осрамотениот финансиер и сексуален престапник Џефри Епштајн.
Ова е само еден во низата напади помеѓу двата мажи, чии релации драстично се влошија и прераснаа во јавна расправија на социјалните мрежи во последните 24 часа.
Во објава на платформата Икс, Маск напиша: „@realDonaldTrump е во досијата за Епштајн. Тоа е вистинската причина зошто тие сè уште не се објавени. Запомнете ја оваа објава. Вистината ќе излезе на површина.“ Потоа сподели видео од Трамп на забавите на Епштајн, но не понуди конкретни докази за своето тврдење.
Портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, го отфрли коментарот и изјави: „Ова е несреќна епизода од Маск, кој не е задоволен од ‘големиот, прекрасен закон’ бидејќи не ги вклучува политиките што ги сакаше. Претседателот е фокусиран на донесување на овој историски закон.“
Епштајн се самоуби во затвор во август 2019 година, додека чекал судење за трговија со малолетници.
Маск, исто така, ги критикуваше царините на Трамп, предупредувајќи дека „ќе предизвикаат рецесија во втората половина од годината“. Повика и на основање нова политичка партија која би ги претставувала „80% од умерените“.
Тој најави дека компанијата „SpaceX“ веднаш ќе започне со повлекување на вселенското летало „Драгон“ по заканата на Трамп дека би можел да ги откаже владините договори со неговите фирми. „Драгон“ е единственото американско летало кое може да транспортира астронаути до и од Меѓународната вселенска станица.
Расправијата предизвика пад на акциите на Тесла за околу 150 милијарди долари, со дневен пад од 14,3%.
Обвинувањата продолжија откако Трамп изјави дека е „многу разочаран“ од Маск, кого претходно го нарече „напорен“ и тврди дека самиот го Повикал да се повлече од функцијата „специјален владин службеник“, како и дека ја укинал обврската за задолжително купување на електрични возила.
„Го известив месеци однапред дека ќе го направам тоа. Тој полуде!”, напиша Трамп на платформата Truth Social.
Исто така, Трамп изјави дека е „разочаран“ од Маск поради критиките за законот за даноци, кој вклучува даночни олеснувања од неколку трилиони долари и беше донесен од републиканците во Претставничкиот дом во мај. Маск, пак, го нарече законот „одвратна грдотија“ и објави дека никогаш не му бил презентиран пред да биде изгласан „среде ноќ“.
Во нова објава, Маск истакна дека е заслужен за изборниот успех на Трамп, тврдејќи: „Без мене, Трамп ќе ја изгубеше изборната трка, Демократите ќе го контролираа Конгресот, а Сенатот ќе беше 51-49 во корист на Републиканците.“
Ова се случува по Трампова изјава дека Маск „има синдром на омраза кон Трамп“ и дека „му помогнал многу“.
Во објава на Truth Social, Трамп рече: „Илон ми стана здодевен, го замолив да си замине, го укинав неговиот мандат за електрични возила што никој не го сакаше.“
Маск неодамна го напушти водењето на Одделот за ефикасност на владата.
Според „Скај њуз“, пред да излезе веста, таткото на Маск изјавил дека неговиот син „не е многу добар политичар“, но дека „нема раздор меѓу него и Доналд Трамп“.




