Ќе им се суди на лицата кои му помогнале на возачот што усмрти жена во Капиштец да побегне, откриено како го изнесле од државата.

Основното јавно обвинителство во Скопје поднело обвинение против маж и жена, обвинети дека му помогнале на осомничен кој избегал по сообраќајна несреќа со смртен исход, случена на 9 јануари во скопската населба Капиштец. Двајцата се товарат за помагање на сторител по извршено кривично дело, според член 365 став 2 од Кривичниот законик.

Според обвинението, со умисла му помогнале на лицето, кое е осомничено за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, а исто така и за неуказување помош на повредена личност. Откако се случила несреќата, тие со патничко возило „мерцедес“ со скопски регистарски ознаки, веднаш дошле до домот на осомничениот, го зеле него и неговиот татко, и преку граничниот премин Табановце ги пренеле во Република Србија. По оставените во Србија, помагачите се вратија во Македонија околу полноќ.

Со обвинението, јавниот обвинител доставил предлог до судот за продолжување на мерките на притвор за обвинетиот маж и куќен притвор за обвинетата жена. Во меѓувреме, осомничениот за несреќата сè уште е недостапен за органите на прогонот, и по него е распишана централна и меѓународна потерница по барање на Основното јавно обвинителство. Станува збор за Саитов Саит, роден на 6 април 2007 година во Скопје, со последно позната адреса на улицата „Дом Ндуе Битичи“.

Тој се бара поради сомнение за кривично дело тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, казниво според член 300 од Кривичниот законик. Според до сега собраните докази од истрагата, осомничениот на 9 јануари управувал со возило „фолксваген пасат“ по улицата „Народен фронт“, без да има важечка возачка дозвола и со брзина која не била прилагодена на условите. При неправилно завивање налево, навлегол во коловозната лента наменета за спротивен правец и удрил во пешакот Љуба Јаковлеска, која преминувала коловозот.

Од ударот, жената претрпела тешки повреди и била хоспитализирана во Ургентниот центар, каде подоцна починала. Наместо да ѝ обезбеди помош, возачот го напуштил местото на несреќата и станал недостапен за органите. Од обвинителството соопштуваат дека истрагата продолжува и дека се преземаат дејства за утврдување на евентуалната одговорност на други лица поврзани со овој случај. МВР апелира до граѓаните, ако имаат информации за движењето или престојот на осомничениот, веднаш да се обратат на полицијата.