Јубилејниот 25. ОФФест донесува познати музички уметници и африкански ритми во Скопје.

Со разновидна програма и уметници од различни континенти, вечерва започнува 25. издание на ОФФест, еден од најзначајните музички фестивали во регионот. За време на четирите фестивалски вечери, љубителите на музиката ќе можат да проследат осум концерти и проекција на музички документарен филм.

Организаторите најавуваат внимателно составена програма, при што годинава особено внимание се посветува на африканската музичка сцена. На фестивалот ќе се претстават уметници од 12 држави, кои ќе ја покажат разновидноста на светската музика преку традиционални и современи изрази.

Отворањето на фестивалот е посветено на африканските ритми, а во текот на следните денови публиката ќе има прилика да ужива во настапите на уметници од Норвешка, Италија, Шпанија, Мали, Конго, Танзанија, Мозамбик и многу други. Во програмата учествуваат и македонските музичари Добрила Грашеска и Доријан Јовановиќ, кои ќе го презентираат својот најнов проект.

Прочитајте и:  Иран објави нова воена акција, Револуционерната гарда во полна борбена подготвеност

Фестивалот остава верен на својата концепција за промовирање на автентични музички традиции, поврзувајќи ги со современи музички влијанија. Од африканските полиритми и блуз, преку медитерански фолклор и џез импровизации, до модерни експериментални звуци, програмата ветува богато музичко доживување.

Покрај концертите, во рамките на фестивалот ќе биде прикажан и музичкиот документарец „Elis & Tom – It Had To Be You“, посветен на создавањето на еден од најзначајните албуми во историјата на бразилската музика.

Организаторите истакнуваат дека, и покрај ограничените финансиски и инфраструктурни услови, успеале да подготват квалитетна програма која ќе го одбележи јубилејното издание на фестивалот на соодветен начин.

ОФФест ќе трае до 6 јуни, а концертите ќе се одржуваат во Националната опера и балет и во Младинскиот културен центар во Скопје.