Од снежните предели на северот до суптропскиот југ, јапонскиот архипелаг ја нуди својата уникатна слика, полна со разноликост на пејзажи и климатски услови. Живејќи во средина која секојдневно е изложена на земјотреси, вулкани, цунами и сезонски бури, јапонскиот народ разви култура на прилагодување и отпорност. Архитектурата на оваа земја е сведоштво за таа издржливост, откривајќи длабоко разбирање и почит кон природните сили.
Набљудувана низ призмата на изградената средина, Јапонија се појавува како пејзаж обликуван од постојаниот однос помеѓу архитектурата, инженерството и природата.
Изложбата ги поканува посетителите да ја искусат Јапонија од нова перспектива, откривајќи приказни за истрајност, адаптираност, креативност и културно богатство вградени во нејзиниот простор.
На изложбата се претставени 80 примери на објекти, инженерски дела, пејзажи и други значајни творби од сите префектури на Јапонија, видливи преку фотографии, текстови и видеоматеријали. Оваа изложба ја осветлува една поинаква страна на Јапонија, истражувајќи како Јапонците се соочувале со природните предизвици и како, со текот на времето, го создале и сочувале својот локален идентитет.
На изложбата можат да се видат некои од најзначајните имена во современата архитектура и дизајн. Меѓу нив, Кенго Кума, Шигеру Бан, Арата Изозаки, Јошио Танигучи, Тадао Андо и Кензо Танге – генијалци чии дела оставиле значаен печат на светската архитектонска и културна сцена.
Осумдесетте проекти се распоредени на структури кои наликуваат на оригами – преклопени, аголни и понекогаш кубични форми изработени од шперплоча, внимателно распоредени на подот на Музејот. Нивниот распоред потсетува на стилизирана мапа на јапонскиот архипелаг и четирите главни острови: Хокаидо, Хоншу, Шикоку и Кјушу. Доживувањето дополнително го збогатуваат видеопроекции.
Куратори на изложбата се Шунсуке Кураката (вонреден професор на Универзитетот во Осака), Сатоши Хачима (професор на Технолошкиот институт во Чиба) и Кенџиро Хосака (куратор на Националниот музеј на модерна уметност во Токио).
Изложбата ќе остане отворена до 16 септември.




