Во Музејот во Демир Капија синоќа е отворена изложба посветена на винската култура и лозарството, во чест на празникот Свети Трифун. На изложбата се презентирани дела од ликовниот уметник Лазар Дојчинов.
Цветанка Тодоровска Митрева, виш кустос археолог и куратор на настанот, се осврна на животот и творештвото на Дојчинов, роден во 1948 година.
– Неговите професори Димитар Кондовски и Борко Лазески, од кои го стекнал своето ликовно образование, биле инспирација за создавање на неговиот уникатен стил. Во него е втемелен и неговиот личен белег, видлив преку мотиви како булките, Големата мајка, гроздоберот, нашата традиција на варење ракија и производството на вино, како и богатата природа на Тиквешијата – истакна таа.
Тодоровска Митрева дополнително нагласи дека акварелот и маслото на платно се две техники во кои Дојчинов вешто се изразува, а со леснотија ги користи во своето творештво.
Дојчинов до сега реализирал повеќе од 35 самостојни изложби, учествувал во многу групни настани и ликовни колонии. Тој е и член на здружението „Родокрајци“, посветено на уметноста и културата.
Градоначалничката на Демир Капија, Наталија Димитриева, изрази задоволство од овој настан во духот на виното и Свети Трифун, нагласувајќи дека изложбата е дополнета со музика и поезија, што му дава посебна убавина на настанот.
Изложбата има продажен карактер и е организирана од локалната самоуправа, како и општинската установа „Дом на култура ‘Мирка Гинова’“ од Демир Капија.




